Сиљановска-Давкова: Нашата слобода е изборена, не подарена

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, истакнувајќи дека овој датум е потсетник на темелите врз кои е изградена македонската државност.

„Животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери“, порача Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека празникот е можност да се оддаде почит на хероите кои ги положиле своите животи за слободна, независна, но и социјална, солидарна и демократска држава.

„Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено да го продолжиме нивниот револуционерен пат – не со оружје, туку со револуционерен ум, знаење и реформи“, порача претседателката.

Во својата честитка, таа потсети дека македонската револуционерна традиција ги содржи најнапредните европски вредности и дека Македонија треба политички да се вгради таму каде што ѝ припаѓа – во Европа.

„Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме нашата татковина, но и да ги негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста. Нека ни е вековит празникот“, завршува честитката на Сиљановска-Давкова.