Промената во светот налага итна трансформација на образованието и согледување на реалноста низ очите на новите дигитални генерации, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати во Дубаи. Пред собир од 150 еминентни научници и нобеловци, таа истакна дека во ерата на Четвртата индустриска револуција, досегашниот линеарен модел на учење е веќе минато.
Според претседателката, вештачката интелигенција (ВИ) веќе не е само додаток, туку клучен фактор кој го претвора образовниот процес во специфичен триалог.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета, но мора да биде регулирана бидејќи носи ризици како што е зависноста. Таа мора да биде алатка, а не господар“, истакна Сиљановска-Давкова, додавајќи дека фокусот мора да се префрли од меморирање факти кон критичко и креативно размислување.
Таа посочи на јазот меѓу „аналогното раководство“ и дигиталните генерации Y и Z, кои наместо физички библиотеки, ја користат глобалната база на знаење од своите џебови. Претседателката предупреди дека ако ВИ не познава подобро од самите нас, образованието мора да се насочи кон она што на машините им недостасува – емоционалната интелигенција, менталната стабилност и етичкото расудување.
Зборувајќи за македонскиот образовен систем, Сиљановска-Давкова призна дека тој сè уште функционира според стари парадигми кои резултираат со ниски ПИСА резултати, но нагласи дека Македонија поседува сериозен научен потенцијал.
„Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме физичари и хемичари меѓу најцитираните во светот и жени во STEM кои ги надминуваат европските просеци. Но, за промена на парадигмата ни треба глобална поддршка и соработка. Нашите универзитети и МАНУ се отворени за истражувачки проекти од кои сите би имале корист“, заклучи претседателката.
Таа повика на глобален консензус за ВИ, инсистирајќи таа да биде транспарентна, фер и секогаш водена од човекот.
