Сиљановска-Давкова во официјална посета на Хрватска: Членството во ЕУ останува стратешка определба на Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Загреб ја започна својата дводневна официјална посета на Хрватска, каде беше пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.

Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по која следуваше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација, со фокус на традиционално пријателските билатерални односи.

На заедничката прес-конференција, Сиљановска-Давкова истакна дека членството во Европската Унија останува една од стратешките определби на државата. Таа се заблагодари за поддршката и разбирањето од страна на Хрватска, како и за помошта во отворањето нови перспективи и решенија во процесот на европските интеграции.

„Државата доследно се водела од Копенхашките критериуми со цел да изгради функционален и демократски систем компатибилен со европските стандарди. Европската Унија мора да остане процес заснован на заслуги, реформи и исполнување на критериумите, а не оптоварен со билатерални историски, културни, јазични или идентитетски прашања“, рече претседателката.

Таа додаде дека Северна Македонија очекува еднаков третман и примена на исти стандарди како и за другите земји кандидати, со уверување дека во европските институции сè уште постои слух за аргументите, за правото и за достоинственото место на секој европски народ во Унијата.

Сиљановска-Давкова ја нагласи важноста на поддршката од хрватската страна и посочи дека евроинтегративниот процес е клучен за стабилноста и развојот на државата, како и за обезбедување владеење на правото, демократија и почитување на човековите права.

„Благодарна сум за пријателството и разбирањето, како и за грижата за македонските граѓани кои во Хрватска нашле втор дом. Нашата цел е да продолжиме да се натпреваруваме на европската сцена според заслуги и стандарди, без двојни мерила“, рече Сиљановска-Давкова.

Посетата е дел од континуираните дипломатски активности за унапредување на билатералните односи и за зајакнување на позицијата на Северна Македонија во евроинтегративниот процес.