Силно невреме во Грција, по Ксенофон доаѓа Зорбас

Циклонска воздушна маса се формирала над Јонското Море и се заканува дека ќе ги зафати Пелопонез и Крит, а потоа ќе продолжи во Атина, Евија и кон Кикладите.

Циклонот Ксенофон се движи по Егејското Море, а голем дел од крајбрежјето и островите се зафатени со силен дожд и ветрови.

Во деловите на Грција каде има силни дождови и ветришта на сила се мерки за претпазливост. Училиштата се затворени, а движењето на децата сами е забрането.

Силниот ветер урнал минаре на џамија во Јанина, кое датира од 17-тиот век, а искорнал и повеќе дрвја од корен. Во некои делови во регионот температурите паднале под нулата.

Метеоролозитеп редвидуваат дека постојат услови за појава на уште еден циклон, кој го нарекле Зорбас.

Во планинските делови на Грција денес падна првиот снег, во областа околу Атина силен ветар корне дрвја, додека крајниот југ на нашиот сосед е погоден од земјотрес со јачина од 5 степени по Рихтер.

Поради силниот ветер кој што ја погоди Грција, властите беа приморани да затворат многу училишта, бројни траекти низ земјата не сообраќаат, а исто така забележано е и одложување на бројни летови.

Ветерот корнел дрвја кои што паѓале врз далеководи во северните предградија на Атина, а од пожарникарските служби открија дека примиле над 350 повици за нивните екипи да излезат на терен и да ги отстранат паднатите дрвја. Властите во општината Сароник, во близина на Атина, како и на островите Закинтос, Тинос, Андрос и Миконос, наредиле затворање на училиштата.

На островот Кефалонија училиштата биле евакуирани поради шумски пожар кој бил распламнет од силниот ветер, пренесува новинската агенција „АП“. Грчките власти тврдат дека таквата одлука била донесена од претпазливост, но итните служби се на готовс затоа што се очекува влошување на невремето.

Од институтот за геодинамика во меѓувреме соопштија дека земјотрес со јачина од 5 степени по Рихтер го погодил југот на земјата. Во земјотресот немало жртви и повредени, а не била причинета ниту материјална штета. Епицентарот на земјотресот бил на 245 километри југозападно од Атина, соопштија од Медитеранскиот сеизмолошки центар.

Грчките медиуми пренесуваат дека додека во планинските подрачја е забележан првиот снег иако е септември, на одредени делови од грчкото приморје се уште е лето и летувалиштата и натаму имаат туристи.