Снежно невреме во неделата го погоди источниот дел на Балканот, па Србија, Бугарија и Романија се соочија со проблеми во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија
Снежните врнежи предизвикаа бројни проблеми во сообраќајот, снабдувањето со електрична енергија и комуникациите во повеќе области во Србија, а пожарникарите мораа да интервенираат за да ги евакуираат патниците во локалниот транспорт.
Пожарникарите евакуирале дваесет патници од завеан автобус на релација Врање – Крива Феја во јужна Србија, а две лица се спасени од снежните наноси во областа Ивањица во западна Србија.
Обилниот и влажен снег, заедно со силните налети на ветерот, ја урна далноводната мрежа на подрачјето на Ивањица и Шврљиг, а сообраќајот е во прекин на многу локални патишта во ридско-планинските делови на Србија, кои беа погодени покрај снежната бура.
Во западна Србија во моментов без струја се повеќе од 2.000 домаќинства, а вработените во електродистрибутивната компанија се на терен и се обидуваат да ги отстранат дефектите, јави Радио-телевизија на Србија.
Состојбата се стабилизираше во неделата во текот на попладневните часови.
Во Бугарија повеќе од 1.000 места се исклучени од електричната мрежа, а на многу места е запрен патниот и железничкиот, а на некои и воздушниот сообраќај, пренесоа агенциите.
Поради вонредните временски услови, бугарскиот премиер Николај Денков свика вонреден владин состанок. Состојбата е особено загрижувачка на североистокот на земјата, а без струја остана и дел од населението во Софија.
Во многу делови од земјата врнежите од снег се придружени со силни налети на ветер, па владата прогласи вонредна состојба во повеќе региони.
Министерот за одбрана Тодор Тагарев најави дека армијата е во состојба на готовност, а одговорните се уште разговараат за тоа како ќе се одржува наставата во најтешко погодените региони, пренесе бугарската новинска агенција БТА.
Аеродромот во Софија работи со задоцнување, а неколку меѓународни летови на аеродромот во Варна се откажани.
Снегот и ветерот го попречуваат и патниот и железничкиот сообраќај во соседна Романија, каде премиерот Марсел Чолаку свика состанок на претставниците на службите за итни случаи.