Македонија

Синдикалната минимална кошница во септември достигна 69.432 денари

Синдикалната минимална кошница во септември достигна 69.432 денари

Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец септември 2026 година изнесува 69.432 денари, што претставува зголемување од 757 денари во однос на август, кога таа изнесувала 68.675 денари.

Доколку во пресметката се вклучи и трошокот за изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребниот месечен износ за едно домаќинство достигнува 84.807 денари.

Според структурата на новата синдикална минимална кошница, најголем дел од месечните трошоци отпаѓа на храна и пијалаци, за кои се потребни 25.259 денари, односно 36,4 отсто од вкупната кошница.

Следуваат образованието со 7.192 денари или 10,4 отсто, облеката и обувките со 6.799 денари (9,8 отсто), како и станарината, водата, електричната енергија и греењето со 6.379 денари (9,2 отсто).

За рекреација и култура се издвоени 5.592 денари, односно 8,1 отсто, додека транспортот учествува со 5.409 денари (7,8 отсто). За ресторани и хотели се предвидени 4.130 денари, за комуникации 3.677 денари, а за лична хигиена и одржување на хигиената во домот 2.699 денари.

Во рамките на кошницата се предвидени и 1.196 денари за здравје и 1.100 денари за останати стоки и услуги.

Кога во пресметката се додава трошокот за изнајмен стан од 60 квадратни метри, ставката за станарина, вода, електрична енергија и греење се зголемува на 21.754 денари, со што вкупната синдикална минимална кошница достигнува 84.807 денари.

Податоците ја покажуваат месечната структура на трошоците што се земаат предвид при пресметката на синдикалната минимална кошница за септември 2026 година.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни