Синдикалците од култура бараат покачување на платите, рок до 31 декември

Вработените во институциите од културата веќе 12 години немаат колективен договор и работат за минимална плата. Синдикатот за култура на Република Македонија изрази револт поради тоа што и покрај многуте инсистирања, во буџетот за 2019 година не се обезбедени средства за покачување на платите и за нивно нивелирање. Законот се уште не е донесен, но ниту колективен договор нема. Претседателката на Синдикатот на култура, Сања Арсовска рече дека веќе не можат да ја трпат оваа неправда.

Синдикалците уште од вторникот бараат одговор од Министерството за култура, но реакција од таму се уште нема. ТВ21 го контактираше Министерството. Од таму велат дека потребните средства за реализирање на овој договор ќе се обезбедат по анализите на стручните служби  на Министерството за култура и претставниците на Синдикатот.

Се вчитува...

„Министерството за култура изразува жалење што се уште не се обезбедени услови за потпишување на нов колективен договор, со кој ќе се надминат насобраните проблеми од порано во оваа област. Министерот за култура на прес конференција истакна дека главен приоритет останува новиот закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието на РМ, и по усвојувањето на новиот закон за јавна администрација, ќе се обезбедат услови за потпишување на колективен договор. Потребните средства за реализација на овој договор дополнително ќе се обезбедат по анализите на стручните служби во Министерството за култура и претставниците на репрезентативниот Синдикат“, велат од Министерството за култура.

Меѓутоа, синдикалците велат дека краен рок за исполнување на нивните барања е 31 декември. Доколку до тогаш не се исполнат нивните барања, тие се подготвени да ги блокираат сите културни активности и да излезат на улица.

РЕПОРТЕР: САЛИЈЕ САДИКУ

Извор: ТВ21