Системот „Сејф сити“ откри екстремен прекршок: На обиколница возел над 230 километри на час

Во првите денови од тестирањето на системот „Сејф сити“, камерите забележале возач кој се движел со дури 231 километар на час на скопската обиколница, на 1 декември. Ова го соопштија началничката на Секторот за сообраќајни работи при МВР, Маја Арсовска Манов, и државниот советник Владимир Велковски, во гостување на ТВ Телма.

Според податоците прибрани во само три дена од пробното функционирање, системот ја потврдува својата неопходност за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

На 1 декември, првиот ден од тестирањето, „Безбеден град“ регистрирал околу 110.000 прекршоци за 24 часа. Веќе следниот ден, на 2 декември, бројката се намалила на 50.652. Од нив, 48.861 се прекршоци за брзо возење, 1.366 за поминување на црвено светло и 425 за нерегистрирани возила.

Најголем број случаи на пребрзо возење биле забележани на излезот од Скопје кон Тетово – околу 4.300, како и на булевар „Никола Карев“ – околу 3.000. Од МВР велат дека системот „Сејф сити“ ќе продолжи да ги открива сите небезбедни навики на возачите и да придонесува за побезбедни улици.