Функцијата генерален секретар на Владата во изминатите повеќе од една деценија добива сè понеславна судска историја. Кирил Божиновски, Драги Рашковски и Мухамед Зекири, кои во различни периоди ја извршуваа една од најважните административни функции во извршната власт, се најдоа во притвор и на обвинителна клупа, а сега обвинение е поднесено и против поранешниот генерален секретар Методија Димовски.
Практично, низа од поранешни генерални секретари на Владата во последните петнаесетина години се соочија со кривични постапки, истраги или обвиненија.
Кирил Божиновски – од Владата до предметите на СЈО
Кирил Божиновски беше генерален секретар на Владата во периодот од 2008 до 2017 година и е првиот во оваа низа поранешни носители на функцијата кој се најде под сериозен удар на правосудните органи.
Тој беше обвинет во повеќе предмети отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство, а најпознат меѓу нив е „Титаник“, кој се однесуваше на изборни нерегуларности и злоупотреби поврзани со изборните процеси.
Божиновски беше опфатен и со други истраги и постапки поврзани со сомневања за злоупотреба на службената положба и фиктивни вработувања во државни и владини институции.
Во рамки на постапките против него тој помина и период во притвор, со што стана еден од првите поранешни генерални секретари на Владата кои од највисоките кабинети на извршната власт стигнаа до притвор и обвинителна клупа.
Драги Рашковски – осум години затвор во прв степен, па повторно судење
По Божиновски, функцијата генерален секретар ја презеде Драги Рашковски, кој подоцна стана централна фигура во предметот познат како „Софтвери“.
Предметот се однесува на набавки на софтверски решенија и исплати на хонорари од Генералниот секретаријат на Владата.
Рашковски во текот на постапката беше во притвор и куќен притвор, а во 2023 година првостепено беше осуден на единствена казна од осум години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
Пресудата подоцна беше укината од Апелацискиот суд и предметот беше вратен на повторно судење.
Мухамед Зекири – од генерален секретар директно во притвор
Со кривична постапка се соочи и Мухамед Зекири, кој функцијата генерален секретар на Владата ја извршуваше по Рашковски.
Во април 2022 година против Зекири беше отворена истрага поради договори за консултантски услуги. По отворањето на истрагата тој поднесе оставка од функцијата, а судот му определи притвор.
Во декември 2023 година Зекири првостепено беше осуден на две години и шест месеци затвор и беше задолжен да надомести повеќе од 71 милион денари на државниот буџет.
И оваа пресуда подоцна беше укината од Апелацискиот суд, кој го врати предметот на повторно судење.
Сега обвинет и Методија Димовски
На неславната листа сега се додава и Методија Димовски, уште еден поранешен генерален секретар на Владата.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против вкупно осум лица во новиот предмет поврзан со АД „Државна лотарија на Република Северна Македонија“, а меѓу обвинетите е и Димовски.
Осумтемина се товарат како соизвршители за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според Обвинителството, во текот на 2023 и 2024 година тие заеднички преземале дејствија со кои ги пречекориле границите на своите овластувања и должности, со намера да ѝ нанесат штета на „Државна лотарија“.
Штетата наведена во обвинението изнесува 507.632.173 денари, односно повеќе од осум милиони евра.
Функција со неславна традиција
Така, во период од петнаесетина години четворица поранешни генерални секретари на Владата – Кирил Божиновски, Драги Рашковски, Мухамед Зекири и Методија Димовски – се најдоа во сериозни кривични постапки.
Тројца од нив – Божиновски, Рашковски и Зекири – во различни периоди поминаа и низ притвор, додека против Димовски сега е поднесено обвинение.
Функцијата која претставува административно срце на Владата и преку која поминуваат голем број важни одлуки, набавки и владини процедури, така во изминатите години доби и една сосема поинаква, неславна димензија.
Од владини кабинети и една од највлијателните позиции во извршната власт, повеќе нејзини носители продолжија кон истраги, притвор, обвинителни клупи и судски процеси.
За сите лица против кои постапките не се завршени со правосилна осудителна пресуда важи презумпцијата на невиност.