Скопјанка со предупредување: Никогаш не оставајте вклучен бојлер додека спиете или сте надвор, еднаш се случува!

Жителка на Скопје предупредува на опасноста од оставање бојлер вклучен додека никој не е дома или во текот на ноќта, по пожар кој зафатил дел од нејзиниот дом.

Благородна Божиновска на својот профил сподели дека пожарот избувнал ненадејно, без претходни знаци дека уредот е неисправен.

Според неа, бојлерот бил исправен и со заменет грејач пред помалку од една година, но сепак „сам од себе се запалил“, а купатилото почнало да гори за неколку секунди.

„За среќа и фала му на Бога, веднаш го здогледавме пожарот и со навремена реакција на Стефан и соседот – исклучување на осигурувачите и гасење со мокри ќебиња – успеавме да го изгаснеме пред да пристигне Противпожарната“, напиша Божиновска.

Таа додава дека не сака ни да помисли што можело да се случи доколку семејството не било дома во моментот на инцидентот.

Божиновска упати силна порака до јавноста: „Никогаш не го оставајте бојлерот вклучен кога не сте дома или додека спиете. Еднаш се случува. Сакам ова предупредување да им помогне на други.“

Надлежните апелираат граѓаните редовно да ги проверуваат електричните уреди и да ги исклучуваат кога не се користат, особено оние кои работат со висока температура.