По повеќегодишните најави за воведување железнички превоз во рамките на градскиот транспорт, Скопје и официјално го доби „Градскиот воз“. Првата линија, која ги поврзува Зелениково и Скопје, е ставена во функција, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го оцени проектот како значаен чекор кон модернизирање на јавниот превоз.
Ѓорѓиевски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски учествуваше во пуштањето на линијата, порача дека со проектот се отвора ново поглавје во развојот на Скопје.
Според него, со целосната рехабилитација на железничката пруга на делницата Транспортен центар Скопје–Зелениково, во должина од околу 25 километри, се создава основа за поефикасен и интегриран транспортен систем. Предвидено е патувањето од Зелениково до Скопје да трае околу 20 минути.
„Градскиот воз беше визија. Денес е реалност“, порача Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека проектот треба да донесе побрзо и побезбедно патување, намалување на сообраќајниот метеж и помали емисии на штетни гасови.
Во рамките на реконструкцијата бил демонтиран стариот колосек, дотраените дрвени прагови биле заменети со бетонски, а колосекот бил машински подбиен и регулиран со современа механизација.
Од Град Скопје велат дека целта е железничкиот и автобускиот превоз да функционираат како една целина, преку усогласување на возните редови и подобро поврзување на различните делови од градот.
Ѓорѓиевски во објавата најави и други проекти во јавниот превоз, меѓу кои и испорака на 100 нови градски автобуси, како и завршување на подготовките за системот за брз автобуски превоз – БРТ.
„Градски воз. Сто нови автобуси. БРТ-систем“, наведе скопскиот градоначалник, оценувајќи дека тоа е насоката кон „ново Скопје“ – поврзано, модерно и функционално.
Првата линија од проектот „Градски воз“ сообраќа на релацијата Зелениково–Ново Зелениково–Орешани–Јане Сандански–Драчево–Лисиче–Нова железничка станица Скопје.