Македонија

Скопје добива 3.300 нови контејнери, набавката е двојно поевтина од претходната

Скопје добива 3.300 нови контејнери, набавката е двојно поевтина од претходната

Скопје ќе добие значително повеќе опрема за собирање отпад, откако е потпишан договорот за набавка на 3.300 нови контејнери. Станува збор за една од најголемите набавки од ваков тип во изминатиот период, со која треба да се подобрат условите за собирање и управување со комуналниот отпад во главниот град.

Новите контејнери треба да придонесат за почисти јавни површини и населби, помалку отпад расфрлан околу садовите, но и поефикасно и навремено празнење. Истовремено, се очекува да се подобрат и условите за работа на екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.

Обемот на актуелната набавка е особено значаен ако се има предвид дека во последните 12 години биле набавени само околу 1.300 контејнери. Недоволната и дотраена опрема во изминатиот период придонесуваше за преполни или оштетени контејнери, наталожување отпад околу нив и влошување на комуналната слика во повеќе делови од градот.

Со новата набавка, бројот на расположливи контејнери значително ќе се зголеми, што треба да овозможи подобра организација на системот и поефикасно собирање на отпадот.

Дополнителен акцент е ставен и на цената. Новите контејнери се набавуваат по 9.600 денари за парче, додека претходно набавуваните чинеле повеќе од 18.000 денари. Тоа, според најавите, претставува значително поекономично искористување на средствата.

Набавката е дел од пошироките активности за модернизација на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, по набавката на нови возила за потребите на претпријатието.

Очекувањата се дека со обновувањето на опремата ќе се создадат подобри услови за функционирање на комуналниот систем и постепено ќе се надминат дел од проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат.

Целта е преку подобра опременост и поефикасна организација да се обезбеди почисто и поуредно Скопје, а средствата на граѓаните да се користат поекономично и поодговорно.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни