Градоначалничката Данела Арсовска и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со тимот Скопје2028 имаа средба во врска со кандидатурата на Град Скопје за Европска престолнина на културата 2028. Скопје се бори за оваа престижна титула, а нема концертна сала. Реконструкцијата на Универзална е стопирана од Арсовска.
„На средбата се истакна дека Градот Скопје во Брисел ќе ги претстави планираните активности и културна програма кои се дел од кандидатурата за престижната титула Скопје Европска престолнина на културата 2028. Изготвена е детална програма со долгорочна развојна стратегија за културата, која содржи бројни податоци за Скопје, богататата историја и културно – историските споменици. Особено важно е што со заеднички заложби на градските и националните културни установи, на Министерството за култура, Владата и скопските општини, се движиме кон нашата цел, а Скопје доби поддршка и од голем број европски градови и културни институции“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Во потесниот круг за оваа престижна титула се Скопје и Будва.
„За нас, апликацијата „Скопје – Европска престолнина на културата“ е од огромно значење бидејќи ќе донесе афирмација на македонската култура во сите нејзини сегменти, од културното наследство до современата архитектура и изведувачките уметности. Да се биде град кој една година ќе биде во фокусот на европската културна јавност, е престиж и привилегија кои ги поттикнуваат сите домашни ресурси за исполнување на условите – од организациски, просторен и од програмски аспект. Да се биде „престолнина на културата“ е можност за анимирање многу општествени, културни и економски капацитети и придобивки на Градот Скопје и на целата држава. Убедена сум дека културата, нашите институции и независната сцена, поединци и културни оператори имаат капацитет за изготвување програма со европски квалитет и вредности. Впрочем, голем број од нив тоа веќе и го докажуваат преку вклученост во мрежата на европските фестивали и настани“, рече министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска.