Акционерското друштво „Скопски пазар“ стана нов сопственик на компанијата за производство на кабли од Сарај, „Оне Кабле ФЈ.“ (One Cable F.J.) објави Фактор.
Информацијата ја објави Централниот регистар, каде од вчера (5 ноември) АД „Скопски пазар“ е формално заведен како нов сопственик. Досегашен газда на „Оне Кабле Ф.Ј.“ беше Јусуф Камбер.
„Скопски пазар“ е во доминантна сопственост на ЗСФ-КОМ на Фатмир Етеми и „Современ дом“ АД Прилеп на Ацо Дудулоски.
Консолидација на бизнисите на Етеми
Она што е интересно во зделката е што, според јавно достапните информации, оваа компанија за напредно производство де-факто и досега беше во сопственост на бизнисменот Фатмир Етеми, кој тоа и јавно го тврдеше. Со оваа промена, сопственоста само се формализира и се консолидира под капата на „Скопски пазар“.
Промената доаѓа откако досегашниот формален газда на „Оне Кабле“, Јусуф Камбер, неодамна стана последен крупен акционер во „Македонијатурист“. Камбер купи 48.671 акција, односно 10,76% од вкупниот број обични акции на „Македонијатурист“ и во бизнис круговите важи за близок човек на Етеми.
Најголем акционер во „Македонијатурист“ со 19,9% од сопствеништвото е токму „Скопски пазар“.
Што добива „Скопски пазар“?
„Оне Кабле“ е производствена фабрика во Глумово, Сарај, основана во 2019 година. Пред неколку години таа беше презентирана пред јавноста и политичарите како современа инвестиција вредна три милиони евра.
Фабриката произведува бакарни кабли и ПВЦ гранулат за електрична енергија со најмодерна технологија и вработува 30 висококвалификувани кадри. Компанијата минатата година ги удвои приходите и оствари промет од речиси 4,5 милиони евра во билансот за 2024 година.
Производството се пласира на домашниот пазар, а фирмата е конкурентна и на пазарите во Албанија, Бугарија, Хрватска и Косово.
„Скопски пазар“ е еден од најголемите малопродажни трговски синџири во земјата и поседува големи градежни парцели на атрактивни скопски локации, како и затворени објекти. Групацијата, преку „Македонијатурист“, поседува и седум скопски хотели, меѓу кои „Холидеј Ин“ и „Белви“, како и незавиден пакет акции во Комерцијална банка.
Извор: Фактор