Славе Тримчески: Без личен асистент сме беспoмошни – тој е единствениот спас за семејствата со мултиплекс склероза

Важноста на социјалната услуга „личен асистент“ не е само административна поддршка, туку клучен фактор за физички опстанок и економска сигурност на семејствата кои се соочуваат со тешки и непредвидливи болести. Ова го потврдува Славе Тримчески во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, чие семејство користи помош од асистент за грижа на лице со мултиплекс склероза (МС).

Мултиплекс склероза – „подмолна“ болест која бара постојано присуство

Тримчески ја опишува МС како исклучително подмолна состојба каде моториката на пациентот може да откаже во секој миг. Иако болниот може да се движи низ домот со помош на помагала, постои постојан ризик од ненадејни падови кои, доколку лицето е само, можат да имаат фатални последици.

„Едноставно, неопходно е покрај него цело време да има човек. Без асистент, тоа е невозможна мисија“, вели Тримчески во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Личниот асистент како можност за егзистенција

Покрај безбедносниот аспект, личниот асистент овозможува и минимална економска стабилност за останатите членови на семејството. Тримчески објаснува дека грижата за лице со ваква дијагноза практично оневозможува редовен работен однос.

Благодарение на асистентот, тој сега може повремено да работи дополнителни ангажмани, како градежништво, за да обезбеди неопходни средства за живот. Претходно, додека бил вработен во Телеком, семејството успевало да се координира со помош на неговите родители, но по нивната смрт, личниот асистент станал единствениот мост помеѓу грижата и работата.

Семејната заедница е исцрпена

Денес, семејството на Тримчески се потпира единствено на услугата за асистенција. Со оглед на тоа што нивната ќерка е се уште малолетна (14 години) и насочена кон училишните обврски, таа не може да го преземе товарот на грижата.

„Без асистентот сме беспимошни“, заклучува Тримчески, нагласувајќи дека оваа помош е пресудна за да се избегнат најлошите сценарија и да се зачува какво-такво достоинство во секојдневието исполнето со предизвиците на мултиплекс склерозата.