Слободен влез на „Тодор Проески“ за натпреварот Македонија – Летонија

Македонската А репрезентација во четврток, 13 ноември, ќе го одигра својот последен домашен натпревар за оваа година, а Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) одлучи да ги почести навивачите.

Натпреварот, кој ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ со почеток во 18:00 часот, е контролен дуел против селекцијата на Летонија.

ФФМ ја информираше јавноста дека влезот за овој натпревар ќе биде слободен за сите навивачи.

„Ова е наш начин да изразиме благодарност до сите поддржувачи за нивната безрезервна поддршка во текот на целата година“, соопштија од федерацијата.

Во исто време, ФФМ најде решение и за оние кои веќе имале купено билети пред да биде донесена оваа одлука.

„Сите оние кои веќе купиле влезница за овој натпревар ќе добијат бесплатен билет за следниот домашен натпревар на репрезентацијата, без разлика дали ќе се работи за бараж за пласман на Светското првенство или за натпревар од друг карактер“, се вели во соопштението.

Од Федерацијата ги поканија сите навивачи заедно да создадат убава атмосфера и да им дадат силна поддршка на фудбалерите на последниот натпревар пред домашната публика оваа година, што ќе биде и поттик за тимот пред квалификацискиот меч против Велс во Кардиф.