Обвинителниот акт за трагедијата во „Клуб Пулс“ открива сериозни сомнежи за длабока корупција во самото Министерство за економија. Според документот, државен службеник е обвинет дека примил илјадници евра мито од сопственикот на клубот, а за возврат му издал целосно фалсификувана лиценца за работа.
Истрагата за смртта на 63 лица во кобниот пожар отвори ново поглавје кое води директно до институциите. Според обвинението кое го поседува 4NEWS.mk, Џеваир Камбери, во својство на државен службеник во Министерството за економија, се товари за три тешки кривични дела: две одвоени дела „Примање поткуп“ и едно дело „Фалсификување службена исправа“.
Мито од 3.600 евра и фалсификуван потпис на Државен секретар
Обвинителите тврдат дека коруптивната шема се одвивала непосредно пред трагедијата. Во текот на март 2024 година, обвинетиот Камбери директно побарал и примил парична награда од сопственикот на клубот, Дејан Јованов.
Наводно, во просториите на самото Министерство за економија, Јованов му дал на Камбери 226.000 денари (повеќе од 3.600 евра).
Веднаш потоа, се наведува во обвинението, Камбери му издал на Јованов фалсификувана службена исправа – Лиценца за вршење на угостителска дејност со датум 13.03.2024 година.
Шокантниот дел од обвинението е тврдењето дека Камбери „своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата Размена Чекиќ-Дуровиќ“, која во тој критичен момент ја извршувала функцијата Државен секретар во Министерството.
За да биде дејствието уште поубедливо, откако сопственикот Јованов му сугерирал дека има техничка грешка во називот на угостителскиот објект, Камбери му издал уште еден, втор фалсификуван примерок од лиценцата. На овој примерок, тој повторно го фалсификувал потписот на Државниот секретар.
Обвинителството наведува дека и двете лажни лиценци биле заверени со валиден службен печат на Министерството за економија.
Обвинет за поткуп и во 2019 година
Истрагата открила дека ова не бил изолиран инцидент, туку веројатно воспоставен модел на однесување. Обвинетиот Камбери се товари и дека во април 2019 година побарал и примил 12.000 денари од Дејан Јованов.
За разлика од подоцнежниот случај, овие средства биле уплатени директно на приватната банкарска сметка на службеникот. Целта, според обвинителството, била иста: да изврши службено дејствие, односно да ја заврши постапката за издавање на лиценца за таа година.
Овие дејствија, како што заклучува обвинителството, покажуваат како сопственикот на клубот успевал со години да ги добива потребните лиценци за работа, дури и кога тоа вклучувало директно подмитување и фалсификување на службени документи и потписи на највисоко ниво во Министерството.