Со аплауз и скандирања дочекана Давкова во Софија: „Да сум апсолутен монарх можам да кажам дека ќе го сменам Уставот“

Патот на Република Северна Македонија за Европа поминува низ коридор, стоп за јазикот на омразата, дајте им права на Бугарите. Ова беа дел од транспарентите со кои беше дочекана македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова при својата прва посета на Софија.

Прво аплауз…

A потоа и скандирање.

По два и пол часа средба со бугарскиот претседател Румен Радев, Давкова рече дека со дијалог може се да се постигне. Рече дека го поканила бугарскиот претседател да биде гостин во Македонија.

„Јас не сум случајно овде, дојдов за да разговарам. Сега се разбира дека го очекувам претседателот исто така да дојде во Скопје. Убедена сум дека после денешниот разговор во една дебатна пријатна атмосфера, дека ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа, но важно е да почнете. Кој ако не првиот човек на нацијата, таткото и јас од другата страна, мислам дека, односно сигурна сум дека како што честопати велам мислата може да биде побрза од светлината, ако се слушаме, ако се почитуваме и ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат. Ќе трагаме по компромис и по заедничко решение без никој да се чувствува навреден и повреден и без никој да мисли дека бил заборавен“, изјави Давкова.

Давкова откри дека било разговарано и за уставните промени.

„Зборувавме и за тоа. Да. Видете, јас да сум апсолутен монарх можам да кажам дека ќе го сменам Уставот, меѓутоа пратениците ги претставуваат граѓаните. Гласаат по сопствено уверување, јас не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но се разбира дека разговаравме за сите прашања“, рече Давкова.

Претседателот на Бугарија Румен Радев истакнува дека дијалогот на највисоко ниво меѓу две држави треба да биде активен и да ја стимулира работата на владите, бизнисите и размената во обрзованието, науката и културата.

„Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекува таа не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку неа да постигне решение за отворените прашања во нашите односи. За нив мора да се одлучува врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани кон него и Заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, усвоени едногласно од сите земји-членки на ЕУ и со согласност на Република Северна Македонија“, изјави Радев.

Давкова беше во Софија по повод посетата на Националната опера и балет, која во Софија ја претстави операта „Набуко“ од Џузепе Верди.