Со едноминутно молчење и полагање свежо цвеќе беше одбележана седумнаесет годишнината од хеликоптерската несреќа во која животите ги загубија 11 припадници на Армијата
Со едноминутно молчење и полагање свежо цвеќе на спомен-обележјето во Катлановско Блаце, денеска 12 јануари, беше одбележана седумнаесет годишнината од трагичното загинување на единаесетте припадници на Армијата, кои ги загубија своите животи враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Почит на загинатите припадници на Армија им оддадоа делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од Командата за операции, 1.пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ, од општината Петровец и членовите на семејствата.
Во таа пригода, министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дена на местото на оваа голема трагедија оддаваме почит кон македонските херои заедно со членовите на нивните семејства, херои кои никогаш нема да бидат заборавени.
Претходно во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, на спомен обележјето пред командата на воздухопловниот ВИНГ со полагање свежо цвеќе беше оддадена почит од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ.
Почит кон единаесетте загинати македонски припадници ќе биде оддадена и во меморијалниот парк во кампот Бутмир, Сараево, во Босна и Херцеговина каде што нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.