Министерството за внатрешни работи наскоро ќе ја засили контролата на учесниците во сообраќајот со набавка на нова генерација брзи тестови за дрога преку плунка, дознава 4NEWS.mk. Станува збор за брзи имунохроматографски тестови, специјално наменети за употреба од овластени службени лица без потреба од медицинско предзнаење.
Тестовите се едноставни за употреба и овозможуваат земање примерок за помалку од една минута, со неинвазивен метод – преку орален брис или апликатор. Резултатите се видливи за максимум 10 минути, без употреба на дополнителна електронска опрема.
Според техничките спецификации, новите тестови ќе овозможат детекција на шест видови психоактивни супстанции: тетрахидроканабинол (THC), кокаин, амфетамин и метамфетамин, опијати како морфин и хероин, екстази (MDMA) и бензодиазепини.
Овие тестови се произведени во согласност со европските стандарди, имаат CE сертификација за ин витро дијагностика и ISO 13485 сертификат за квалитет на медицински уреди. Дополнително, потврдено е нивното користење во полициски и други институции за спроведување на законот.
Министерството бара тестовите да имаат рок на траење од најмалку 12 месеци, да бидат индивидуално пакувани и јасно означени со рок на употреба, серија и производител. Добавувачот, доколку е потребно, ќе обезбеди и бесплатна обука за полициските службеници за правилна примена и читање на резултатите.
Испораката на тестовите се очекува најдоцна 30 дена по потпишувањето на договорот, а документацијата и упатствата ќе бидат достапни и на македонски јазик.
Со оваа набавка, МВР ќе има на располагање современи и сигурни средства за проверка на возачите, со што значително ќе се придонесе кон зголемување на безбедноста на патиштата.
Тестовите беа најавени на почетокот од годинава
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во февруари на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во своето обраќање на јавната расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“ предложи неколку законски измени во законите кои ја регулираат оваа сфера со цел заштита на безбедноста на граѓаните во сообраќајот и ултимативно намалување на жртви во сообраќајни незгоди.
Ревидирање на законските одредби кои ги регулираат сообраќајните прекршоци, конкретно сметам дека мора да го ревидираме членот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење, односно јасно да се разграничи од постоечките одредби кои регулираат сообраќајни прекршоци во ЗБСП во делот на брзото возење и наместо алтернативно да се изрекувва парична казна, истата кумулативно да се изрекува со казна затвор.
Проширување на можностите на системот „Безбеден град“ да препознава нерегистрирани возила. Набавка на тестови за дрога. Веќе сме во подготвителна фаза за набавка и на тестови за дрога, нешто што досега никогаш не било имплементирано, а според анализите, возењето под дејство на опојни дроги е исто толку опасно како и возењето под дејство на алкохол. Одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење. Инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит. Дигитализација и целосно поврзување на МВР со судовите со цел полесна евиденција на изречените забрани за управување со моторно возило. Целосно имплементирање на системот „Безбеден град“ кој ќе гарантира дека санкциите се спроведуваат доследно и континуирано. Аплицирање на промени кои ќе овозможат системот да овозможи ефективна контрола и строги санкции за рецидивистити, преку институционална вмреженост и ефикасна размена на податоци помеѓу институциите.
Еден од поголемите проблеми што ги имаме во контекст на сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители. Постојат бројни случаи каде луѓе кои сториле тешки кривични дела во сообраќајот поминуваат со минимални или дури и условни казни. Казните, колку и да се високи на хартија, не значат ништо ако тие не се изрекуваат, а уште помалку ако не се спроведуваат. Ние мораме да го разбиеме овој систем на компромиси и полуправда, односно неправда, истакна Тошковски.
Министерот потенцираше дека одлуките што ќе се донесат на самата расправа ќе бидат пресудни за тоа дали ќе изградиме општество во кое владее ред и закон или ќе продолжиме да живееме во средина каде што беззаконието и неказнивоста стануваат норма и дека ова е можност која не смее да се пропушти да се направи вистинската промена, промена која ќе спаси животи, што ќе донесе правда и што ќе обезбеди систем што ќе функционира за сите граѓани, подеднакво.
Читај и ова:
- 1.Три возила се судриле на патот Струмица- Радовиш – сообраќајот во прекин!
- 2.Сиљановска-Давкова: 11 Октомври е потсетник дека слободата се брани со единство и храброст
- 3.Метео аларм: Силен северен ветер во Повардарието и источните делови
- 4.Алармантно откритие од научници под Антарктикот: „Неконтролирано истекување од пукнатини, ова би можело да стане епицентар на опасност“
- 5.Трамп прими бустер доза против Ковид – докторите велат срцето му е 14 години помладо од хронолошката возраст