Македонија

Со велосипеди по парк шумата Гази Баба, граѓаните ги победија политичарите во кошарка

На меѓународниот ден без автомобили, во Скопје имаше повеќе автомобили отколку велосипеди. Дел од љубителите на велосипеди, се собраа во парк шумата Гази Баба. Имаше и политичари. Дел од нив дошле со автомобили. Ги прашавме дали на работа одат со велосипеди?

„Малку е проблем бидејќи живеам во Чаир а работам во Карпош, така да малку е далеку. Посебно во текот на зимата е проблематично. Јас користам секојдневно, кога имам можност одам и со велосипед на работа. Надвор од работното време никогаш не користам автомобил“, рече Адријан Муча, директор на Паркови и зеленило.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, вети нов план за изградба на велосипедски патеки кои ќе го поврзат Чаир со другите општини. И тој на овој настан дошол со автомобил.

„Целта на проектот е општините да се поврзани. Да има велосипедски патеки во цело Скопје за граѓаните да се занимаваат и со рекреативни спортски активности,  но исто така да ги завршат и нивните дневни обврски.“, изјави Ганиу.

Првиот човек на општина Гази Баба, Борис Ѓорѓиевски, рече дека не може да оди на работа со велосипед, но во текот на викендот го практикува тоа.

„Единствено можно решение да излеземе од своите кабинети е да спортуваме и да рекреираме. Тоа само го практикуваме само во текот на викендов од проста причина што во работните денови е тешко да излезете и да бидете надвор од своите работни обврски“, рече Ѓорѓиевски.

Инаку на парк шумата Гази Баба се одржа кошаркарски натпревар помеѓу политичарите и граѓаните. Граѓаните ги победија политичарите со резултат 11 со 8.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни