Собранието денеска со 64 гласа „за“, 15 „против“ и без воздржани го донесе Предлог-законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, кој е дел од Реформската агенда.
Со новото законско решение се предвидуваат повеќе измени насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на Советот, како и на јавното обвинителство во целина.
Една од клучните новини е реформата на постапката за избор на членови на Советот на јавните обвинители. Законот воведува јасни и транспарентни критериуми со кои треба да се обезбедат стручност, искуство и интегритет на кандидатите, по примерот на новиот Закон за Судскиот совет.
Дополнително, се воведува обврска одлуките за избор, унапредување и дисциплинска одговорност на обвинителите да бидат целосно и аргументирано образложени.
Законот предвидува и доследна примена на мерит-системот, односно систем заснован на заслуги, при избор, унапредување и разрешување на јавните обвинители.
Во насока на поголема отвореност кон јавноста, ќе има обврска за објавување одлуки и извештаи, јавно одржување на седници, како и директни преноси и редовно информирање на јавноста.
Се воведува и двостепеност во дисциплинските постапки, при што Советот ќе одлучува како второстепен орган, а против неговите одлуки ќе биде дозволена судска заштита.
Со законот детално се уредува и постапката за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, со прецизирани рокови и критериуми.
Исто така, се зајакнува улогата на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија, при што Советот ќе може да поднесе иницијатива за разрешување до Собранието.
Од предлагачите оценуваат дека законот е усогласен со европските стандарди и препораки и претставува значаен чекор во процесот на реформите и европската интеграција на државата.
