Македонија

Собранието ја продолжи кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври

Собранието ја продолжи кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври

Пратениците во Собранието денеска дадоа поддршка за продолжување на кризната состојба во делот на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, со цел државата да остане подготвена за евентуални нарушувања на пазарот во наредните месеци.

Одлуката беше усвоена со 88 гласа „за“, без ниту еден глас „против“ или „воздржан“, со што кризната состојба ќе продолжи да важи од 21 јули до 20 октомври.

Претходно, Владата на седницата одржана на 17 јули донесе одлука до Собранието да достави предлог за продолжување на мерката, поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, како и ризик од ценовни потреси на светските пазари.

Од Владата нагласуваат дека продолжувањето на кризната состојба ќе им овозможи на институциите навремено да реагираат доколку дојде до прекин во снабдувањето, со цел да се зачува стабилноста на пазарот и да се намалат можните последици врз граѓаните и стопанството.

Пред почетокот на седницата, пратениците од албанската опозиција побараа оваа точка да се разгледува на посебна седница, оценувајќи дека актуелната седница е свикана спротивно на собранискиот Деловник. Тие изразија сомневање дека паралелно ќе се разгледуваат и законските измени од областа на високото образование по скратена постапка.

Пратеникот Елми Азири изјави дека не треба „под превезот на кризна состојба“ да се носат други законски решенија, додека координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, побара точката да биде повлечена и за неа да се свика посебна седница.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, одговори дека продолжувањето на кризната состојба е неопходно за да не се доведе во прашање снабдувањето со нафта и нафтени деривати, предупредувајќи дека евентуалното одложување би можело негативно да се одрази врз енергетската стабилност, економијата и граѓаните.

По координацијата меѓу пратеничките групи беше постигнат договор законите од областа на високото образование да не бидат разгледувани на оваа седница.

Во рамки на 115. собраниска седница, пратениците ја утврдија и потребата по скратена постапка да се донесат измени на законите за автокампови, енергетика, меѓународна и привремена заштита, како и за супервизија на осигурувањето, кои ќе бидат разгледувани во матичните комисии.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни