Македонија

Софија со порака до Скопје: Нема повлекување од договорот од 2022, Македонија мора да ги исполни обврските!

Софија со порака до Скопје: Нема повлекување од договорот од 2022, Македонија мора да ги исполни обврските!

Евроинтегративниот процес на Македонија останува директно поврзан со спроведувањето на обврските преземени во 2022 година, порача министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова, испраќајќи уште една јасна порака од Софија кон Скопје.

Во изјава за бугарската национална телевизија БНТ, Петрова истакна дека процесот на проширување не претставува билатерално прашање, туку однос меѓу земја-кандидат и Европската Унија.

Таа нагласи дека од бугарска страна постои „исклучително позитивен тон“, но додаде дека не секогаш гледа исто ниво на политичка зрелост од Скопје.

„Се надевам дека ќе видам политичка зрелост од другата страна. Често не го гледам тоа“, изјави министерката.

Петрова беше децидна дека ставот на Софија останува непроменет и целосно усогласен со позициите од таканаречениот „француски предлог“ од 2022 година.

„Ова е европската позиција. Тоа беше клучното достигнување во јуни и јули 2022 година“, нагласи таа.

Таа потсети дека лично учествувала во преговорите за Преговарачката рамка со Северна Македонија и, како што рече, детално е запознаена со постигнатите договори.

„Тажно е што по четири години се враќам во владата и гледам дека нема напредок по ова прашање“, додаде Петрова.

Според неа, Северна Македонија треба да го искористи „отворениот прозорец“ за проширување на ЕУ, наместо да ги продлабочува тензиите со Софија.

„Се надевам дека Македонија ќе најде пристап кој ќе се фокусира на исполнување на обврските, а не на барање конфликт со Бугарија“, изјави министерката.

Петрова додаде дека во Бугарија постои целосно политичко единство околу ова прашање, без разлика на партиските разлики.

Изјавата доаѓа во период на нови тензии меѓу Скопје и Софија, откако македонските власти повторно порачаа дека нема да прифатат уставни измени без претходен внатрешен политички консензус.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни