Здравствената состојба на министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, и натаму е сериозна, но стабилна, информираа утрово од болницата каде што тој се лекува.
Во изјава за медиумите, помошник-директорот на Клиниката за пулмологија при Универзитетски клинички центар на Србија, Спасоје Попевиќ, соопшти дека состојбата на Дачиќ засега не бележи промени.
„Неговата состојба е непроменета, засега е стабилна. Продолжуваат мерките на интензивно лекување, ноќта ја помина мирно. Нови информации ќе добиете во 17 часот, а доколку има какви било вонредни информации, јавноста ќе биде навремено известена“, изјави Попевиќ.
Според информациите од медицинскиот тим, Ивица Дачиќ бил хоспитализиран поради тешка пневмонија и во моментов се наоѓа на респираторна поддршка, под постојан лекарски надзор.
Лекарите посочуваат дека министерот има и дијабетес, како и други придружни заболувања, што дополнително ја усложнува неговата клиничка состојба. Поради недоволен ефект од досегашната терапија и наглото влошување, било неопходно приклучување на механичка вентилација.
Според српските медиуми, состојбата на Дачиќ нагло се влошила во изминатите денови, а на болничко лекување бил примен откако на една комеморација покажал знаци на отежнато дишење, што го забележал и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
