Социјалните мрежи би требало да бидат забранети за децата под 16 години, освен ако нивните родители не одлучат поинаку, кажа Европскиот парламент.
Европратениците со големо мнозинство усвоија резолуција за ограничување на возраста за користење на социјалните мрежи. Иако не е законски обврзувачка, таа ги притиска европските законодавства да преземат нешто среде загриженоста дека неограничениот пристап до интернет го нарушува менталното здравје на децата. Европската комисија веќе ја анализира австралиската забрана на социјалните мрежи за помлади од 16 години, која треба да стапи во сила следниот месец.
Во септември, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ќе го следи спроведувањето на политиката на Австралија. Таа се изјасни против „алгоритмите што ја злоупотребуваат ранливоста на децата со јасна цел да создадат зависности“ и рече дека родителите се чувствуваат немоќни против „цунамито од големите технолошки компании што ги поплавува нивните домови“.
Фон дер Лајен вети дека до крајот на годината ќе биде формиран панел од експерти кои ќе го предложат најдобриот пристап за заштита на децата.
Во Европа расте интересот за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи и паметните телефони. Во експертски извештај нарачан минатата година од Емануел Макрон се вели дека на децата не треба да им биде дозволено да користат паметни телефони до 13-годишна возраст, а социјалните мрежи до 18-годишна возраст.