„Тој е херој во моите очи. Им го проверувал пулсот, се обидувал да ги реанимира и подигнал две врати кои биле паднати врз луѓето… Сето ова го направил откако и самиот бил натрупан со луѓе.“
Со овој емотивен опис, адвокатот Зоран Зафировски ја претстави одбраната на обвинетиот Лазар Захариев, вработен во агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Одбраната најави дека ќе повика над 20 деца кои ќе сведочат како Лазар лично им го спасил животот.
Клучниот аргумент за негирање на вината е времето на пристигнување. „Обвинетиот пристигнал два часа по пристигнувањето на групата ’ДНК‘, а пиротехниката била веќе внесена,“ истакна адвокатот. Тој појасни дека Лазар бил дел од патролно обезбедување за десетици објекти, а не стациониран само во „Пулс“, и дека таа вечер воопшто не носел елек со светлосни ленти, бидејќи не бил известен дека ќе има концерт.
Одбраната посочи на правен преседан – Лазар Захариев се наоѓа на листата на обвинети, но Обвинителството го навело и како оштетен. „Тој помагал повеќе од 3 часа додека не завршил на кислородна поддршка. Крајно некоректно е што обвинителот не ги ценел овие околности,“ рече Зафировски.
Самиот Лазар Захариев кратко и емотивно се обрати: „Криво ми е што на кобниот ден не можев да спасам повеќе луѓе.“
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ЛАЗАР ЗАХАРИЕВ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Лазар Захариев (46) се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
- Обвинение: Се товари дека како обезбедување во внатрешноста, не извршил проверка на идентитет (дозволил влез на малолетници) и не извршил преглед за опасни предмети, со што овозможиле внес на пиротехника .
- Статус на жртва: Потврдувајќи ги наводите на одбраната, во самиот Обвинителен акт, на страница 40, Лазар Захариев навистина е наведен и во списокот на повредени лица, каде пишува: „поради вдишување на чад се здобил со инхалациона повреда“ .