Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека начинот на кој се води истрагата и судската постапка за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани отвора сериозни дилеми за капацитетот на Обвинителството и може да резултира со дополнително чувство на неправда кај јавноста и семејствата на жртвите.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски истакна дека постои ризик со опфаќањето на различни пропусти и поранешни функционери во едно исто дело да се направи штета врз државата и самиот концепт на одговорност.
Тој нагласи дека одговорноста за трагичниот настан мора да биде насочена кон оние кои имаат директна причинско-последична поврзаност со несреќата, а не, како што рече, да се бараат виновници со години наназад со цел да се намали револтот во јавноста.
„Дали може градоначалници кои биле на функција во 2012 или 2017 година да носат каква било одговорност за тоа што се случило во 2025 година? Дали инспекторите од минатото можат да одговараат за пожарот што настанал сега? Мора да има каузалитет и јасен тек кој ќе гарантира правда. Се плашам дека целиот овој случај е креиран само за да се задоволи јавноста, а според досегашните постапки, мислам дека Обвинителството ќе има сериозен проблем со докажувањето пред судот“, изјави Спасовски.
Тој додаде дека најголем товар од ваквиот пристап ќе почувствуваат семејствата на загинатите и повредените, кои очекуваат конкретни одговори и одговорност од вистинските виновници.
Спасовски ја отфрли и тезата дека дискотеката работела во „длабока илегала“, посочувајќи дека нејзиното функционирање било познато за јавноста низ целата држава.
„Сите знаевме дека таа дискотека работи – и граѓаните на Кочани, и луѓето ширум Македонија. Истрагата мораше јасно да покаже како и на кој начин се носеле одлуките за нејзиното работење и дали тие одлуки директно придонеле за штетната последица“, рече Спасовски.
Воедно, тој упати критики и кон актуелната власт и парламентарното мнозинство, оценувајќи дека наместо суштински реформи на системот, биле донесени само ограничени мерки, како забраната за пиротехника во затворени простории.
„Тоа со пиротехниката е во ред. Но, што правиме со другите услови кои мора да ги исполнат угостителските објекти? Дали со ова го менуваме системот во правец кој покажува свесност за тоа што ни се случи? Мислам дека не. Одговорноста за промена на системот е кај сегашната власт, а тие досега немаат покажано резултат“, заклучи Спасовски, додавајќи дека Анкетната комисија во Собранието за заштита на човековите права сѐ уште нема конкретен епилог за случајот.