Македонија

Спасовски: Власта мора да каже како ќе се продолжи европскиот пат

Спасовски: Власта мора да каже како ќе се продолжи европскиот пат

Пратеникот и поранешен министер Оливер Спасовски оцени дека застојот на Македонија на патот кон Европската Унија не е последица на „францускиот предлог“, туку на, како што рече, недостигот на политичка волја кај актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски порача дека владејачкото мнозинство треба да понуди конкретен излез од актуелната состојба, наместо да продолжува со политички популизам.

Според него, СДСМ во минатото прифатил компромис кој бил реален и во интерес на државата, но процесот бил блокиран од тогашната опозиција.

„Тогаш имавме неодговорна опозиција која мислеше исклучиво на сопствениот и на партискиот рејтинг. Нивната процена беше дека политички многу повеќе им се исплати да го напаѓаат предлогот, да креираат страв кај граѓаните дека некој нешто сака да ни одземе, со цел да си ја сочуваат опозициската комотност. Тоа им успеа и сега ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Но, бидејќи денес се власт, тие треба да дадат предлог како да се излезе од оваа состојба“, изјави Спасовски.

Тој посочи дека лично не поддржува СДСМ да иницира нови предлози или да потпишува платформи со други политички партии за евроинтегративниот процес, оценувајќи дека партијата веќе го понела својот дел од товарот за европската иднина на државата.

Спасовски потсети дека постапката за уставните измени, започната во претходниот парламентарен состав, сè уште формално не е затворена.

„Ние од Владата немаме добиено писмо во кое се вели дека се откажуваат или дека го повлекуваат предлогот за уставни измени. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да си даде предлог ако мисли дека треба да се дојде до промена на Уставот за да се завршат обврските и да одиме напред“, порача Спасовски.

Осврнувајќи се на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски дека можеле да обезбедат подобри договори, Спасовски ги повика, како што рече, наместо реторика, да понудат конкретни резултати.

Тој додаде дека договорите од Преспа и со Бугарија можеби не биле идеални, но претставувале единствени можни решенија во момент кога сите страни биле подеднакво незадоволни.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни