Македонија

Спасовски за шпионажата кај претседателката: Да се расчисти случајот, партиските кадри во безбедносниот сектор носат нестабилност

Спасовски за шпионажата кај претседателката: Да се расчисти случајот, партиските кадри во безбедносниот сектор носат нестабилност

Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, синоќа во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ се осврна на најновата афера со наводната шпионажа и безбедносните пропусти во кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Спасовски побара итно расчистување на случајот и упати сериозни критики до актуелната власт во однос на управувањето со безбедносниот сектор.

Повод за реакцијата се новинарските написи и официјалната потврда дека Обвинителството веќе отворило предистрага за случај во кој ангажирано IT лице наводно енкриптирало дел од податоците во претседателскиот кабинет, кои потоа биле наменети за странски служби.

Сериозен безбедносен пропуст во највисоката институција

Спасовски потенцираше дека првичните информации за безбедносен пропуст и пренесување информации од кабинетот на претседателката излегле уште пред повеќе од два месеци, што предизвикало оправдана вознемиреност кај јавноста бидејќи станува збор за највисоката институција во државата.

„Јас очекувам Обвинителството да го даде својот став по однос на ова прашање. Воопшто ниту е благодарно, ниту јас сакам да шпекулираме околу оваа тема, туку напротив, мислам дека институциите треба да бидат одговорни, да дадат сериозен одговор кон граѓаните и овој случај да биде целосно расчистен за да знаеме што имаме“, изјави Спасовски.

Тој додаде дека информациите за вакви случувања во кабинетот на шефот на државата испраќаат сериозна порака на загриженост до граѓаните, но и до меѓународната заедница и стратешките партнери во НАТО-алијансата, особено кога се работи за ракување со сензитивни податоци.

Кадровски скандали и заштита на партијата наместо на државата

Според поранешниот министер, ваквите пропусти не се изненадување ако се земе предвид начинот на кој новата власт ги спроведе промените и именувањата на кадрите во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР), кои беа пропратени со низа скандали.

„Од самиот старт се покажа дека намерата не е заштита на државата, туку заштита на партијата и партиските кадри. Сето тоа покажува дека ние немаме стабилност во овој сектор“, критикуваше Спасовски.

Тој направи паралела и со минатото, потсетувајќи на големата афера со масовното прислушување до 2016 година за време на владеењето на претходните структури на ВМРО-ДПМНЕ, кога беа кршени човековите права преку следење на новинари, граѓани и политички противници. Спасовски потенцираше дека токму тој скандал беше причина за суштинските реформи во безбедносниот сектор и формирањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА), со цел да се оневозможи директен и неконтролиран пристап на власта до телеком-операторите.

Пратеникот на опозицијата порача дека со безбедносниот сектор не смее да има „кадровски пазарења“ и дека на раководните места мора да се позиционираат вистински професионалци кои ќе ги заштитат уставниот поредок и интегритетот на државата, наместо да создаваат чувство на страв и фобија кај граѓаните дека повторно се враќа времето на политички притисоци и следење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни