Државниот инспекторат за земјоделство излезе со соопштение по добивањето на известувањето од системот за брзо известување на ЕУ (RASAFF – Window) од Република Хрватска во врска со пратка на свеж кељ (Brassica oleracea var sabauda), која била идентификувана како небезбедна од страна на хрватската царинска служба при увозот. Првично од Државниот Инспекторат за Земјоделство потенцираа дека во медиумите се појавија соопштенија кои не се точни бидејќи посочуваат на пратки на зелка, а во конкретниов случај станува збор за свеж кељ. Според Хрватскиот извештај, се утврдило присуство на забранета активна материја imidacloprid во производот, којашто од 1.12.2020 во рамки на Регулативата на ЕУ 2020/1643 е забранета за употреба. Извозот е остварен на 9.1.2025 година а пратката која што била заджана на граничниот премин е со вкупно количество од 2700кг.
По добивањето на оваа информација, Државниот инспекторат за земјоделство направи 20 вонредни контроли од страна на внатрешни фитосанитарни инспектори кај регионалниот откупувач и извозник, при што е констатирано дека земјоделскиот производ свеж кељ е откупен од земјоделско стопанство во с.Јосифово, Валандово. Инспекцискиот надзор беше спроведен кај 20 земјоделски стопанства меѓу кои и производителот од кој потекнува свежиот кељ, и се земени мостри за да се утврди дали има присуството на забранената активна материја. По добиениете резултати Државната Фитосанитарната Лабораторија беше констатирано дека нема присуство на ниту една забранета активна материја во земените примероци. Во рамки на акцијата беа изречени решенија за водење на евиденција и глоба во износ од 700 евра, по истиот основ.
Во изминатите денови беа извршени дополнителни проверки и анализи, а директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, во рамки на изјавата за медиуми апелираше дека водењето на листа за евиденција на третирање на растенија и растителни производи е задолжително.
Во продолжение на оваа информација, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, во изјава за медиумите рече:
„Државниот инспекторат за земјоделство во континуитет ги следи сите аспекти на безбедноста на земјоделските производи што се извозуваат или увезуваат во нашата држава. Нашата основна задача е да обезбедиме гаранција дека производите кои ги испорачуваме на странските пазари, како и оние што ги увезуваме, не содржат забранети или опасни активни материи кои можат да претставуваат ризик за здравјето на луѓето. Во случајот со кељот извезен во Хрватска, по извршените контроли и анализи, можеме да потврдиме дека нема присуство на опасни материи. Но, и понатаму ќе продолжиме со интензивни надзори за да осигуриме безбедност на сите земјоделски производи во нашата држава.“
Иако во Македонија пазарот на пестициди кои содржат imidacloprid е веќе регулиран, и понатаму се изведуваат редовни и вонредни инспекциски надзори. На овој начин, се осигурува дека земјоделците ги следат законските регулативи и дека не се користат забранети хемикалии кои можат да доведат до затруени производи.
За дополнителни информации, граѓаните се упатуваат да ги следат сите нови извештаи и да се консултираат со надлежните органи.
Претходно пак, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, информираше дека контролите спроведени кај производителот на зелката, која неодамна беше вратена од Хрватска поради наводна неисправност, покажале дека не се користени забранети препарати за заштита на растенијата.
Според направените анализи, не е детектирана употреба на недозволени хемикалии.
Трипуновски објасни дека по враќањето на пратката од Хрватска веднаш биле преземени мерки. Инспекторатот за земјоделство извршил дополнителни контроли и земени се мостри од зелката, кои биле подложени на лабораториски тестови. Резултатите од анализите биле негативни, што значи дека не се користени забранети пестициди.