Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска (27 март) во Министерството се сретна со заменик-министерот за одбрана на Турција, Муса Хејбет кому му се заблагодари за медицинската помош од страна на пријателска Турција во згрижувањето на дел од повредените во трагедијата во Кочани.
„Нашите две земји се исклучително блиски повеќе декади и тоа го гледаме на дело. Голема благодарност од целиот македонски народ за вашата несебична поддршка во згрижувањето на дел од повредените во пожарот во Кочани. Ако пријателите се покажуваат во мака, и двете земји покажаа дека стојат една зад друга секогаш кога има потреба за тоа“, рече министерот на средбата.
Во контекст на одбранбената соработка, Мисајловски порача дека таа е пример за тоа како сојузниците соработуваат и се поддржуваат меѓусебно.
„Македонската Армија се модернизира и опремува и со опрема произведена во сојузничка Турција, што покажува дека таа е согласно највисоките стандарди на Алијансата и дека имаме апсолутна доверба во турската воена индустрија“, порача министерот.
Годинава се очекува во арсеналот на Армијата да пристигнат артилериските хаубици „Боран“ како и системот за контрола на оган за артилериски орудија од фирмата „Аселсан“.
Турција е еден од најголемите поддржувачи на развојот на капацитетите на македонската Армија – преку донации во различни видови на возила, оружје и муниција, како и информатичка и комуникациска опрема. Во Турција, на реномираниот Универзитет за национална одбрана школувани се над 60 македонски офицери, подофицери и професионални војници, а околу 700 службеници во одбраната и припадници на Армијата завршиле обуки во центрите за обука во Анкара. Преку Договорот за воено-финансиска поддршка, Турција продолжува да го поддржува развојот на македонската одбрана во годините кои следат.