Средношколски игри 2019 во знак на климатските промени

Ученици и наставници од 16 средни училишта од Скопје денеска учествуваа на шестото издание на манифестацијата „Средношколски игри“ од која се испратија пораки за здрав живот, чување на природата, свесност за климатските промени, како и меѓусебна толеранција.

Еднодневните игри што се одржаа на Средно Водно под слоганот „Заедно во природа“, се во организација на Здружението на граѓани „СФЕРА“ од Скопје.

Манифестацијата вклучи различни активности/натпревари во природа (во крос, во знаење, во уметнички вештини– цртање и фотографирање, креативно пишување, зелени игри, забава…) а со цел подигање на свеста на средношколците за потребата и неопходноста од нивен редовен престој на отворен простор заради подобрување и унапредување на нивното психофизичко здравје. Натпреварувачкиот карактер придонесува кај младите да се развијат потенцијалите за истражување и учење, тренирање, вежбање, уметнички и естетски развој, а локацијата на која се одвиваат игрите кај младите поттикнува свесност за здрав живот, заштита на животната средина и почест престој во природа.

На Средношколските игри 2019 учествуваа околу 300 учесници: ученици – натпреварувачи, наставници, комисии, претставници на државни институции и компании, но и останати ученици, родители, посетители на Средно Водно. Манифестацијата ја поддржа Град Скопје, како и ЈП Паркови и зеленило и Здравствен дом – Скопје. 

Извор: Сител телевизија