Легендата на македонската фолк-естрада Ефто Пупиноски се подготвува наскоро да замине за Австралија. Таму ќе биде со битолската група “Милениум”. За таа турнеја го обработија заедничкиот проект со одбрани хитовски песни од Ефто, но и со останати македонски песни со кои, како што веруваат, ќе ги полнат салите.
Ефто има своја верна публика која со нетрпение го чека во Австралија, особено во Перт, Канбера и Мелбурн. Сепак, од сите песни најмногу му ја бараат “Лихнида кајче веслаше” која стана евергрин кај нашите во дијаспората. А, кога ја отпеа во далечната 1986 година “Лихнида кајче веслаше” Ефто Пупиноски, ни од блиску не можеше да помисли дека ќе стане не само македонски туку и балкански хит.
Оваа преубава песна на српски јазик ја има испеано пред многу години познатиот пејач на забавни мелодии Мики Јевремовиќ. Но, песната на српски не постигна таков успех како оригиналната македонска верзија. Тоа уште еднаш кажува дека јазикот не е пречка, кога песната е убава. За тоа сведочат и многубројните српски туристи кои деновиве го преплавија Охрид, па во рестораните и на хотелските тераси по напорниот летен ден, најчесто ја нарачуваат “Лихнида”, но исклучиво во оригиналната македонска верзија со Ефто Пупиноски.
Извор: Вечер