Пазарот на недвижности во Македонија бележи зголемена активност во вториот квартал од 2026 година, со значителен раст на бројот на трансакции и вкупната финансиска вредност на продадените недвижности. Највисоката цена за нов стан достигнала 3.360 евра за метар квадратен, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини за периодот април – јуни.
Според извештајот, најскапиот стан продаден од инвеститор во овој период бил во Општина Центар. За стан со површина од 50 метри квадратни биле платени 168.000 евра, односно 206.640 денари за квадратен метар.
Кај староградбата, највисока цена за метар квадратен е регистрирана во Охрид, каде што стан од 66 метри квадратни бил продаден за 211.200 евра, што претставува цена од околу 3.200 евра за квадрат.
Во периодот од 1 април до 30 јуни во Регистарот на цени и закупнини се евидентирани 8.369 трансакции, што претставува раст од 7,9 проценти во споредба со првиот квартал од годината. Вкупната финансиска вредност на пазарот на недвижности достигнала 351,7 милиони евра, што е зголемување од 27,3 проценти.
Во вториот квартал се регистрирани 977 продажби од инвеститори, од кои 943 се станови и 34 куќи. Бројот на продадени нови станови е зголемен за 32 проценти во однос на првиот квартал, односно биле продадени 231 стан повеќе.
Според податоците, во Агенцијата за катастар на недвижности досега се запишани 28.352 листови за предбележување на градба, што укажува на голем број објекти кои се во фаза на изградба и во наредниот период се очекува да се појават на пазарот.
Во споредба со првиот квартал од 2026 година, бројот на продадени станови е зголемен за 37 проценти, а нивната вкупна финансиска вредност за 43 проценти. Раст е забележан и кај продажбата на куќи, земјоделско земјиште, шуми, индустриски објекти и гаражи.
Најголем број продадени станови во вториот квартал е регистриран во Општина Аеродром – 297 станови, додека најмногу продадени куќи има во Општина Битола – 64. Најголем број трансакции со деловни простори се евидентирани во Општина Центар, а кај земјоделското и градежното земјиште предничи Општина Куманово.
Во периодот април – јуни 2026 година биле продадени недвижности со вкупна површина од 7.818.624 квадратни метри, со вкупно остварена вредност од 21,55 милијарди денари.