Македонија

Станарите на „Џевахир Скај Сити“ алармираат: Контролни ознаки со невалидни датуми, ризик за над 2000 граѓани

Станарите на „Џевахир Скај Сити“ алармираат: Контролни ознаки со невалидни датуми, ризик за над 2000 граѓани

Станарите на станбениот комплекс „Џевахир Скај Сити“ во Скопје алармираат за сериозни пропусти и сомнежи во врска со контролите на противпожарниот систем во трите кули со коишто управува фирмата Хауз Мајстор Плус.

Според изјавата на станарите, на 30 март 2026 година управителот објавил дека на 1 април ќе се спроведе тестирање на системот за противпожарна заштита, вклучувајќи проверка и мерење на притисокот на апаратите по катовите. Меѓутоа, истовремено, во кула Д – објект од 40 ката со 400 станови – на сите противпожарни апарати беа поставени нови контролни лепенки со датум 08.04.2026 година, кој во моментот на поставувањето сè уште не настапил.

Станарите посочуваат дека ваквото поставување на контролни ознаки со невалидни датуми сериозно ја доведува во прашање веродостојноста на проверките и реалната функционалност на противпожарниот систем. Ризикот е особено голем со оглед на фактот дека управителот управува со три од четирите кули во комплексот, што значи дека потенцијално се засегнати над 1000 станбени единици и повеќе од 2000 граѓани.

Покрај тоа, по претходни проверки иницирани од станарите по трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, не е доставен официјален извештај за состојбата на системот, иако станарите повеќепати побарале таков документ. Неколку недели по тие проверки, во кула Д избувнал пожар во стан, при што системот за детекција и алармирање не реагирал кон централната единица на обезбедувањето.

Станарите бараат итна и независна инспекциска контрола на целиот противпожарен систем во кулите управувани од Хауз Мајстор Плус, утврдување дали навистина се спроведени означените проверки, доставување на официјални извештаи до станарите и одредување на одговорност за пропустите.

„Сметаме дека станува збор за прашање од јавен интерес кое директно се однесува на безбедноста на граѓаните и бараме итно внимание и реакција“, истакнуваат станарите на „Џевахир Скај Сити“.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни