Од денеска во Скопје стартуваат активности поврзани со тестирањето на сообраќајната опрема во рамки на проектот „Безбеден град“. До 31 јануари ќе се спроведува калибрација и верификација на системот со поставените камери за надзор на сообраќајот.
Според Министерството за внатрешни работи, тестирањето ќе се реализира секој ден во период од 08:00 до 20:00 часот. За време на проверките, сообраќајот на локациите каде се врши тестирањето ќе биде привремено запрен, сѐ додека не заврши постапката.
Во првата недела активностите ќе се одвиваат само на местата со поставени камери на територијата на Град Скопје.
– Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, да покажат трпение и разбирање со цел безбедно и непречено реализирање на планираните активности – стои во соопштението на МВР.

