Македонија

Ставот на Гаши за осудените од ОВК бил личен иако е објавен од страницата на ФБ како претседател на Собранието

Ставот на Гаши за осудените од ОВК бил личен иако е објавен од страницата на ФБ како претседател на Собранието

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска го образложи својот став за пресудата на Хашкиот суд за четворица поранешни раководители на Ослободителната војска на Косово, нагласувајќи дека тој е личен и независен од неговата јавна функција, иако статусот е објавен од Фејсбук страницата каде тој е потпишан како претседател на Собранието на РСМ.

Тој денеска на брифинг со новинарите истакна дека, иако е прв човек на законодавниот дом, има право на приватност и сопствена позиција како граѓанин и политичар за одреден настан, состојба или прашање, па оттаму чувствувал должност јавно да се произнесе.

Во објава на социјалните мрежи, Гаши порача дека осудените за воени злосторства, меѓу кои Хашим Тачи, Кадри Весели и Јакуп Красниќи, „за албанскиот народ остануваат како ослободители на Косово“. „Војната на ОВК, жртвите и несебичноста на оние што ја предводеа и беа нејзин дел, го претставуваат патот што доведе до слободата на Косово и до нова ера на мир и стабилност во регионот. Денешната пресуда е од прв степен, бидејќи борбата за правда продолжува“, напиша Гаши.

Неговата позиција беше остро критикувана од опозицијата. Социјалдемократите реагираа дека изјавите на претседателот на Собранието се несоодветни, имајќи предвид дека тој извршува државна функција и ја претставува државата што се стреми кон членство во ЕУ. „Не може двојни аршини. Ова не е пресуда против албанскиот народ. Не е пресуда против правото на Косово на слобода. Судот суди поединци. Кој денеска ја претвора пресудата во етничка лекција, прави иста грешка како оној што злосторството го крие зад некое знаме“, соопштија од партијата од Бихаќка.

Осврнувајќи се на тековните законодавни предизвици, Гаши посочи дека решенијата за законите што се гласаат со Бадентерово мнозинство мора да се бараат исклучиво преку демократски дијалог. „Јасно е дека во Собранието имаме проблем со гласањето на законите што треба да се изгласаат со Бадентерово мнозинство. Но, за сѐ во демократијата се потребни разговор и дијалог и треба да има решение. Јас лично, заедно со сите пратеници, разговарам и бараме начин како да ги надминеме овие разлики и се надевам дека во блиска иднина ќе најдеме решение, ќе се договориме и, ако треба, закон по закон или концептуално да најдеме излез. Како и да е, Собранието мора да профункционира и во овој дел каде што е заглавено, заради ефикасноста на институцијата и интересот на граѓаните“, изјави тој.

На координацијата станало збор и за функционирањето на собраниските анкетни комисии, со акцент на барањата на семејствата на загинатите од Кочани. Гаши нагласи дека официјално, преку архива или електронска пошта, сѐ уште нема пристигнато писмо од родителите, но дека го видел јавно и ќе побара проверка. „Некои од координаторите сметаат дека треба најнапред да заврши постоечката анкетна комисија, па потоа да биде формирана другата. Други се на став дека не треба да се спојуваат, туку да течат паралелно. Од координаторот на Левица имаме најава дека на почетокот на октомври ќе се свика постоечката анкетна комисија, можеби ќе се донесат заклучоци и тоа ќе ја отвори вратата за формирање и на другата анкетна комисија“, изјави Гаши.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни