Сточарите од штипскиот регион повторно се соочуваат со сериозен безбедносен проблем. Синоќа, од бачилото на сточарот Ибраим Хусеини во селото Лакавица, непознати сторители украле пет овци и три јагниња.
Хусеини, кој одгледува стадо од над 200 овци, се сомнева дека кражбата била претходно типизирана, посочувајќи дека во текот на вчерашниот ден низ селото било забележано сомнително движење на непознат автомобил.
Според зборовите на Хусеини, ова не е изолиран инцидент, туку алармантен тренд кој ги десеткува сточарите во овој крај.
„Чувам околу 220 овци, но синоќа останав без осум грла. Бараме итно решение и заштита за сточарите. Минатата година во Штипско беа украдени околу 100 овци, а еве сега крадците стигнаа и кај мене“, изјави загрижениот сточар.
Сточарството под притисок: Кражби, суша и неисплатени субвенции
Покрај стравот од кражби, сточарите се борат и за гола егзистенција поради неколку фактори кои го прават производството на млеко и млечни производи речиси неисплатливо:
- Климатски промени: Екстремната суша драстично го намалува количеството на млеко кај овците.
- Финансиски застој: Сточарите сè уште ги чекаат субвенциите од државата, кои им се неопходни за тековно работење.
- Безбедносен ризик: Кражбите на стока дополнително го зголемуваат финансискиот товар врз загрозените семејства.
