Стотици илјади луѓе учествуваа на протестите низ САД против Трамп и Маск

Низ сите 50 сојузни држави на САД стотици илјади луѓе излегоа на улиците во повеќе од 1.400 протести изразувајќи незадоволство од политиките на американскиот претседател Доналд Трамп и милијардерот Илон Маск, кој раководи со новоформираниот Оддел за ефикасност на владата (ДОГЕ), јавуваат светските медиуми.

Според извештаите на Си-Ен-Ен и други медиуми, бројот на учесници се мери во милиони. Протестите беа организирани од продемократското движење и поддржани од над 150 активистички организации – од групи за човекови права и синдикати, до организации за правата на жените, ЛГБТК+ заедницата и ветерани.

Организаторите ги нарекоа демонстрациите одговор на, како што велат, „непријателското преземање“ и нападот врз демократските вредности, човековите права и слободи во САД. Протестите се одржаа пред федерални институции, канцеларии на Конгресот, социјални служби, како и на јавни плоштади и паркови низ државата.

Главните пораки од протестот беа насочени против:

-кратењето на работни места во федералната администрација,

-заканите кон социјалното осигурување и Medicare,

-депортацијата на мигранти,

-укинувањето на права на ЛГБТК+ заедницата,

-и, како што велат организаторите, уништувањето на демократските институции.

Некои демонстранти носеа украински знамиња во знак на поддршка за Украина, додека други покажуваа солидарност со Палестинците, носејќи кефии и транспаренти со пораки како „Слобода за Палестина“.

Од 28 март наваму, според Си-Ен-Ен, администрацијата на Трамп отпуштила над 121.000 вработени во федерални институции.

Од Белата куќа, помошничката на прес-секретарот Лиз Хјустон ги отфрли обвинувањата дека администрацијата планира кратење на социјалните програми, нарекувајќи ги „лажни и дезинформирачки“.

Додека протестите се распламтуваа, претседателот Трамп денот го мина на голф терен во Флорида.

Слични протести се одржаа и во повеќе европски градови, вклучувајќи Берлин, Франкфурт, Лондон и Лисабон, како знак на меѓународна солидарност против, како што се наведува, авторитарните тенденции на американското раководство.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното