Стотици килограми експлозив за уривање на облакодерот „Вјесник“ во Загреб

Уривањето на облакодерот на комплексот „Вјесник“ во Загреб, кое најверојатно ќе се изведе со контролирано минирање, ќе бара употреба на стотици килограми експлозив, изјави професорот Марио Добриловиќ од Рударско-геолошко-нафтениот факултет, пренесува Хина.

Иако точниот термин за операцијата сè уште не е утврден, Добриловиќ по посетата на терен потврди дека уривањето би можело да се спроведе во наредните недели, по финализирањето на проектната документација.

Според него, минирањето претставува најсоодветно решение, иако институциите формално не донеле конечна одлука. Објасни дека станува збор за количина од неколку стотици килограми експлозив, а не тони, а самото уривање би траело кратко – околу неколку десетици секунди, максимум половина минута.

Тој посочи дека ќе мора да се почитуваат строги безбедносни протоколи. Зоната за обезбедување ќе ја опфати просторијата што моментално се користи за регулирање на сообраќајот.

„Министерството за внатрешни работи ќе даде јасни насоки за станарите во најблиските згради. Можно е тие да ги напуштат домовите за околу половина час или, како алтернатива, да ги спуштат ролетните и да ги отворат прозорците за да се намали влијанието од бучавата, воздушниот притисок и прашината“, објасни Добриловиќ.

Минирањето ќе се изведе преку дупчење отвори во носечките елементи, кои потоа ќе се полнат со мали полнења експлозив. Се минира конкретно бетонот на избраните точки, а не целата конструкција.

Добриловиќ сликовито додаде дека, по прецизното поставување на експлозивот, објектот се руши во насоката што е планирана, а „потоа гравитацијата го довршува процесот“.

Од анексите на комплексот „Вјесник“, дел ќе претрпат оштетувања, додека други – како Прес-центарот и печатницата – ќе останат зачувани. Објектите на западната страна, врз кои ќе падне облакодерот, ќе бидат меѓу таканаречените „колатерални жртви“, додаде професорот.