Стршлени нападнале татко и син на зиплајн – докторот вели: „Никогаш не сум видел нешто слично“

Директор на елитно приватно училиште и неговиот 15-годишен син починаа откако беа нападнати од рој азиски џиновски стршлени во одморалиште.

Даниел Овен, 47, и неговиот 15-годишен син Купер беа нападнати кон средината на октомври додека се возеа со зиплајн во еко-авантуристички одморалиште во близина на Луанг Прабанг на реката Меконг во Лаос, објавија вчера медиумите. Тие беа каснати повеќе од сто пати.

Опасните инсекти можат да пораснат до пет сантиметри во должина, а осилото им е долго нешто повеќе од половина сантиметар. Тие ги нападнале додека се спуштале од дрво со водич. Експертите велат дека нападот може да биде особено катастрофален ако нивното гнездо, кое жестоко ќе го бранат, е оштетено. Таткото и синот починаа само неколку часа откако беа итно префрлени во блиската болница, објави „Тајмс“.

„Целите нивни тела беа покриени со црвени точки. Беше многу, многу болно. Многу убоди, повеќе од сто, по целото тело. Веднаш помислив дека е многу опасна ситуација бидејќи никогаш не сум видел нешто толку сериозно. Никогаш не сум имал смртен случај, а работам повеќе од 20 години“, рече Фаномсај Факан, доктор во клиниката Факан Арокавет.

Екопаркот, кој нуди луксузно кампување и авантуристички искуства, го опиша смртоносниот напад како без преседан.

„Зелениот парк Џангл им изразува најдлабоко сочувство на семејството и пријателите на Даниел и Купер Овен. Овој настан е без преседан во нашето искуство и, доколку ни е познато, во Луанг Прабанг. Тоа беше непредвидлив и извонреден природен феномен“, се вели во него.

Овен по потекло е од Ајдахо, но со години живеел во странство со сопругата и синот. Тој беше директор на Quality Schools International во Виетнам, елитно училиште каде што претходно работел 18 години.