Општина Струмица во соработка со Територијалната Професионална Противпожарна Единица (ТППЕ) најави засилени мерки за спречување на пожари, при што во ноќните часови ќе биде активиран термален дрон. Оваа технологија е во состојба да детектира и најмал извор на топлина од голема далечина, со што ќе се подобри мониторингот и ќе се спречат можни пожари пред да се прошират.
Противпожарната единица апелира до сите граѓани, особено до земјоделците кои во овој период активно се подготвуваат за пролетната сеидба, да не палат отпадоци и стрништа. Секое неконтролирано палење може брзо да се прошири, особено во услови на потопло и ветровито време.
Со оглед на зголемената активност на земјоделците во поширокиот Струмички регион, ТППЕ предупредува дека предизвикувањето пожар – било намерно или од невнимание – претставува кривично дело. За вакви случаи, законските санкции се ригорозни и вклучуваат високи парични казни, па дури и затворски казни до 10 години, зависно од еколошките и материјалните последици.
Локалните власти ги повикуваат граѓаните на одговорност и внимателност за да се спречат несакани последици и уништување на животната средина.