Студентите сместени во домот „Браќа Миладиновци“ во Штип повторно алармираат за лошите услови за живеење, наведувајќи дека ситуацијата станува неподнослива и дека итно се потребни подобрувања.
Според објавата на „Студентарија“, целиот викенд им била сервирана само конзервирана храна, без разновидност и без топол оброк, што дополнително ја влошува веќе критикуваната исхрана во домот. Освен тоа, санитарните услови се алармантни – на 130 студенти има само две туш кабини.
„Еден од најсериозните предизвици за станарите во домот е исхраната. За време на викенд, кујната не работи, па студентите добиваат пакет со 2 паштети, 2 конзерви месен нарезок, 1 кроасан и мало чоколадо. Овој пакет им е единствена храна за сабота и недела,“ наведуваат од „Студентарија“.
Во текот на работната недела, оброците, според студентите, се еднолични и често без салата, овошје или десерт, што, како што велат, е недозволиво за оброк што треба да ги задоволи нивните основни потреби.
Студентите апелираат до надлежните институции за обезбедување на минимални стандарди: подобра исхрана, редовно одржување на санитарните простории и функционални заеднички простории за учење, со цел да се овозможат достоинствени услови за живот и студирање.