Студентка, државјанка на Република Турција, се соочува со кривична пријава за трговија со дрога, откако била фатена како прима авионска пратка од Белгија во која имало психотропни супстанци, лажно декларирани како „нотес“.
Според истрагата, царинските инспектори ја следеле пратката, а по налог на јавен обвинител, извршиле претрес во домот во Гостивар каде што престојувала осомничената, токму во моментот кога таа го отворила пакетот и ја извадила дрогата.
При претресот биле пронајдени и запленети шест таблети МДМА со вкупна тежина од 0,29 грама, 1,63 грама мефедрон, марихуана и десет семки од канабис. Супстанците веднаш биле испратени на вештачење во Министерството за внатрешни работи, каде бил потврден нивниот хемиски состав.
Поради ова, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гостивар против студентката, која се товари за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.