Врховниот суд на Европската Унија во вторник пресуди дека земјите-членки мора да ги признаат истополовите бракови законски склучени во која било друга земја од ЕУ ако двојката се пресели или живее на нивна територија.
Пресудата се однесува на случајот на двајца полски државјани кои живеат во Германија, а се венчале во Берлин во 2018 година. Кога поднеле барање за регистрација на нивниот брак во Полска, тамошните власти го отфрлиле нивното барање, повикувајќи се на националниот закон кој не ги признава истополовите бракови.
Потоа двојката се жалела до Врховниот административен суд на Полска, кој го упатил случајот до Судот на правдата на Европската Унија. Судот со седиште во Луксембург пресуди дека одбивањето на полските власти е спротивно на правото на ЕУ бидејќи „ја нарушува слободата на движење и правото на почитување на приватниот и семејниот живот“.
Во изјавата во која се објаснува пресудата, Судот рече: „Земјите-членки се должни да го признаат, за целите на остварување на правата што произлегуваат од правото на ЕУ, брачниот статус законски стекнат во друга земја-членка“.
Додаде дека земјите-членки „уживаат одредена маргина на проценка“ кога станува збор за процедурите за признавање на таквите бракови.
Судот нагласи дека пресудата не ги обврзува земјите-членки да ги воведат истополовите бракови во нивното домашно законодавство, туку дека тие мора да го признаат нивниот правен статус кога станува збор за правата гарантирани со правото на ЕУ, според „Политико“.