Вчерашното рочиште за предметот „Пулс“ повторно беше одложено, откако адвокатите на дел од обвинетите реагираа дека не го добиле интегрираното обвинение и не можат да се изјаснат за вина, ниту да ги дадат воведните зборови. Неколкумина тврдеа дека обвинителниот акт е изменет, особено во делот за времето на извршување на кривичното дело.
„Во јавноста се создава впечаток дека одбраната го одолговлекува процесот, но тоа не е точно. Обвинителството прави пропусти и токму тоа ја забавува постапката. Треба да се утврди дали обвинението е изменето или не,“ изјави адвокатот Звонко Давидовиќ.
Со сличен став настапи и адвокатот Петре Шилегов, предупредувајќи дека „може да дојде до грубо прекршување на кривичната постапка, што би било основ предметот да падне во жалбена постапка“.
Обвинителот Борче Јанев оцени дека станува збор само за технички исправки, а судот го прифати ставот дека не се работи за нов обвинителен акт. Сепак, судијката дозволи да се направи исклучок за обвинетите кои не го добиле обвинението, па рочиштето продолжи само со изјаснувањето на оштетените и нивните полномошници.
Семејствата на жртвите повторно побараа одговорност и поширока истрага.
„Кој му дозволи на монструмот да ги убие нашите деца? Кој му помогна? Ова не е убиство, ова е геноцид. Очекуваме обвинителен акт и од ОЈО ГОКК, сите полицајци да бидат опфатени од тој кобен 16 март, па хронолошки да се вратиме до 2012. Мора да има правда,“ изјави Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков.
По завршувањето на рочиштето, семејствата и дел од адвокатите имаа тензична размена надвор од судот. Судот го одложи и утрешното рочиште, а следното е закажано за 2 декември.