Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува на 7 март, откако денеска во Основниот кривичен суд Скопје беа презентирани докази предложени од одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски. На следното рочиште ќе се разгледуваат материјалните докази, а од 12 март започнува распитот на обвинетите.
Денешното рочиште вклучи сведочење на Стојан Кујунџиевски, кој изјави дека заедно со колегите од СВР Велес учествувал во потрагата по исчезнатиот Панче Жежовски, како и во претресот на домот на Боре Видевски, каде биле пронајдени ловечка пушка, муниција и куршуми од девет милиметри.
Одбраната на Палевски презентираше материјални докази, меѓу кои уплатница од банка од 27 ноември 2023 година, тврдејќи дека таа покажува дека обвинетиот во критичниот период не бил на местото на убиството на Вања Ѓорчевска. Адвокатите побараа снимки од надзорните камери на Халк Банка за да утврдат кога Палевски влегол во банката. Обвинителката приговори, посочувајќи дека времето на уплатницата не е релевантно, бидејќи снимки од Сејф сити покажуваат дека неговото возило се вратило во седиштето на партијата во 10 часот. Судот го прифати барањето за снимките, но го одби барањето за анализи на базните станици од телефонот на Палевски и одземеното оружје од Видевски.
Палевски, исто така, достави нови докази, вклучувајќи видео од Сејф сити кое, според него, докажува дека возилото „Рено Кангу“ во 00:15 часот на 22 ноември било во центарот на Скопје, а не пред домот на Велибор Манев.
Судот одлучи следното рочиште да се одржи на 7 март, кога ќе се разгледуваат материјалните докази, а потоа ќе следат рочишта на 12, 17, 19, 24 и 26 март за распит на обвинетите: Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.
Според обвинението, обвинетите испланирале киднапирање на 14-годишната Вања за да изнудат пари од нејзиното семејство, додека Жежовски бил грабнат во Велес за да им го даде своето возило „Цитроен“, кое требало да се користи за киднапирањето.
Вања и Панче, кои беа пријавени како исчезнати на 24 и 27 ноември, беа пронајдени мртви на 3 декември 2023 година во близина на Скопје и Велес.