Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека судиите и обвинителите не ги заслужуваат ниту сегашните плати предизвика бура од реакции од правосудството, од каде што го обвинија за дезинформирање на јавноста и изнесување на неточни факти. Здруженијата на судии и на јавни обвинители, во одвоени реакции, ги отфрлија тврдењата на премиерот, аргументирајќи дека македонските плати и буџети за правдата се на дното во регионот.
Реакциите следуваат откако Мицкоски изјави дека чувствува „мачнина“ од барањата на судиите и обвинителите, кои според него, реформите ги свеле на барања за зголемување на платите, иако довербата на јавноста во нив е под 2%.
Судиите: Плата до 86.000 денари е најниска во регионот
Од Здружението на судии информираа дека, и покрај зголемувањето од 78%, платата на најголем број судии во основните судови достигнува до 86.000 денари, додека примањата на судските службеници се под просечната плата во државата. „Ваквите плати на судиите и секако судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко“, се вели во нивната реакција.
Обвинителите: Буџетот е 0,5% од Буџетот на државата, не од БДП
Здружението на јавни обвинители, пак, директно ја корегираше изјавата на Мицкоски дека буџетот на обвинителството е 0,5% од БДП. Тие појаснуваат дека новиот закон предвидува буџетот да изнесува 0,5% од државниот буџет, што е значително помала сума, и дека таа ги покрива сите трошоци на институцијата, а не само платите.
„Споредено со сите земји во регионот, а и пошироко, и по процентуален удел и по вкупен износ на средства, земјава се наоѓа на дното во однос на буџетските издвојувања за оваа намена. Јавните обвинители и јавнообвинителските службеници имаат најниски плати во споредба со сите останати земји во регионот“, велат од здружението.
Тие додаваат дека и покрај тоа што се далеку под европскиот просек во однос на бројот на вработени, обвинителствата успеваат да решат по околу 20.000 предмети годишно. Според нив, токму поради овие факти, Европската унија инсистира на финансиска самостојност и обезбедување на ресурси за обвинителството како клучна реформа.
Читај и ова:
- 1.ДОДЕЛЕНА НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА МИР: Трамп ќе се налути, еве кој е добитникот!
- 2.Експлозија во воена фабрика за муниција во Тенеси: Повеќе лица загинаа, има и исчезнати!
- 3.Утре е неработен ден за сите граѓани – се одбележува Денот на народното востание
- 4.Над 5 лица синоќа се тепале во познат скопски ресторан, полицијата соопшти нови детали
- 5.Изнуда во Скопје: Руски државјанин со закани барал 300.000 евра долг