На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје за бруталните убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, судијата Ивица Стефановски ја презентираше чаурата од огненото оружје со кое на 22 ноември 2023 година беше убиен 74-годишниот велешанец Жежовски.
Чаурата, која беше изложена пред јавноста во транспарентна кесичка, е со калибар од 9 милиметри. Одбраната најави дека ќе бара нејзино вештачење. Сепак, останува нејасно каде се наоѓа самото оружје од кое е испукан куршумот – пиштолот сè уште не е пронајден, а судот досега и не го побарал. Еден од обвинетите, Боре Видевски, кој поседувал пиштол со дозвола, на претходните рочишта изјави дека не се сеќава каде му е пиштолот.
Во рамки на доказната постапка, обвинетиот Љупчо Палевски денеска презентираше службени белешки и видео-снимки од надзорните камери на Хотел „Романтик“, со кои, како што рече, се потврдува дека во грабнувањето на Жежовски учествувале три, а не четири лица – како што наведува Обвинителството во обвинителниот акт.
Судењето за двојното убиство продолжува, доказната постапка останува клучна за расветлување на сите околности поврзани со овој потресен случај кој ја потресе јавноста.